Министерството за здравство денеска објави први конкретни резултати од анализа на човечките ресурси во здравствениот систем, која вклучува податоци од јавните и приватните здравствени установи низ целата држава.
„Кога пред неколку месеци кажав дека здравствениот систем ќе го гледаме како жив организам, многумина прашаа што тоа значи во пракса. Денеска ја даваме првата слика – првпат имаме целосна анализа на човечките ресурси во здравството“, истакна министерот на прес-конференцијата.
Анализата се базира на податоци од Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора, Управата за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Според презентираните податоци, во државата функционираат вкупно 3.779 здравствени установи, од кои 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а 837 се надвор од мрежата. Во мрежата, 2.830 се приватни, а 112 јавни – вклучувајќи институции како Воено медицински центар, МАНУ, Медицински и Фармацевтски факултет – Скопје.
Вкупниот број на вработени во здравствениот сектор изнесува 32.383 лица – 18.536 во јавниот и 13.847 во приватниот сектор. Од нив, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарното здравство, а останатите се медицински и немедицински кадар.
Министерот истакна дека податоците ќе се користат како динамичен инструмент за креирање здравствени политики.
„Ова значи дека ќе можеме да следиме движење на човечките ресурси во реално време – од пензионирања, нови вработувања и специјализации, до префрлувања од една во друга здравствена установа“, рече тој.
Според него, ова ќе овозможи нови вработувања и зајакнување на примарното здравство врз основа на конкретни потреби.
„Кога ќе кажеме дека ќе се зајакне примарното здравство во некоја општина, точно ќе знаеме колку лекари и сестри се потребни таму и како да се исправи нерамномерната распределба на кадарот“, додаде министерот.

