Волонтерите ќе работат во училишта, граѓански здруженија, организации, општини и локални заедници ширум земјата. Амбасадорката Агелер порача дека тие ќе продолжат да создаваат добра волја и да ја унапредуваат мисијата за мир и пријателство.
-Волонтерите го претставуваат најдоброто што Америка има да му го понуди на светот и во исто време, тие го носат со себе најдоброто што Северна Македонија има да му го понуди на светот. Тие градат со години одржливи мостови меѓу луѓето од двете наши земји, кои времето не ги крши, дури и по завршувањето на службата на волонтерите, изјави Ангела Агелер, амбасадорка на САД.
Директорот на Мировниот корпус, Дејвид Рисајд, рече дека има целосна доверба во ангажманот на волонтерите.
-Имам голема доверба во секој од овие Американци и во нивната способност да направат промена во животите што ќе ги допрат за време на нивната служба, изјави Дејвид Рисајд, директор на Мировниот корпус.
Министерката Јаневска истакна дека присуството на волонтерите е повеќе од симболика — тоа е доказ за градење мостови меѓу луѓето.
-Дозволете ми да им се обратам и да им посакам успешен почеток на 48-те пријатели, кои ќе бидат ангажирани во 20 основни училишта, 5 средни училишта, 2 ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби, едно училиште за лица со оштетен вид и една градинка, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
На церемонијата на заклетвата присуствуваше и претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова.

