Оптимистички прогнози на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според она што го изјави за магазинот „Економија и бизнис“, Славески очекува економскиот раст во 2026-та да биде речиси 4 проценти. Според него јавните инвестиции во патната и во железничката инфраструктура, како и инфраструктурните проекти на локално ниво, ќе имаат важна улога во поддршката на економскиот раст.
„Домашната економија досега покажува релативна отпорност на светските ризици и ќе бележи солидно закрепнување и во наредниот период. Ваквите позитивни трендови се очекуваат и годинава заедно со постепеното закрепнување на економиите на нашите најзначајни трговски партнери, како и засиленото остварување на инфраструктурните инвестиции во земјата.“, рече Славески.
Оптимистички прогнози има и за инфлацијата. Гувернерот очекува дека годинава инфлацијата ќе има опаѓачки тренг и дека ќе стигне до историскиот просек од 2 проценти.
„Инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и се очекува дека ќе се сведе на 2,5 % годинава по што постепено ќе се врати на својот историски просек од речиси 2 %“, вели Славески.
Пред неколку дена Мицкоски изјави дека инфлацијата се движи околу 4 проценти, но и тој очекува да падне.
„Па мислам дека околу 4 проценти ќе се движи годишната инфлација, тоа го зборуваме веќе со месеци. Тоа што ние го правиме се зачестени контроли на Државниот пазарен инспекторат, зачестени контроли на Комисијата за заштита на конкуренцијата“, изјави Мицкоски.
Во ноември месец минатата година, НБРМ проектираше дека 2025-та година ќе ја завршиме со годишна инфлација од околу 3,9 отсто, а во 2026-та очекувањата беа дека таа ќе се смири и ќе биде некаде околу 2,5 отсто.

