Музичката ѕвезда Ријана повторно ги поместува границите на модната индустрија. За нејзината најнова кампања за „Денот на вљубените“ за брендот за долна облека „Саваџ х Фенти“, таа ја ангажираше Вивијан Вилсон, 21-годишната трансродова ќерка на Илон Маск.
Иако таа не е блиска со својот татко, таа е ѕвездата на колекцијата „Love So Savage: A Modern Ode to Aphrodite“, пишува „Пејџ сикс“.
На фотографијата од кампањата, Вилсон (десно на фотографијата) се појавува покрај актерките Лови Симон и Ема Арлета пред импресивни мермерни статуи. Таа носи градник со розов дезен и мини здолниште од чипка, заедно со светло црвени хулахопки, златни обетки и темноцрвен кармин. Други познати личности кои учествуваат во кампањата се ѕвездите од ријалити шоуата Серена Пејџ и Кордел Бекам, како и инфлуенсерите Хејли и Жулс Лебланк.
Ријана, која брендот „Саваџ х Фенти“ го покрена во 2018 година, ја објасни визијата зад новата колекција:
– „Денот на вљубените“ е време за славење на љубовта во сите нејзини форми. Во „Саваџ х Фенти“, сакаме луѓето да ја прифатат љубовта на секој начин и да создаваат производи кои на луѓето им овозможуваат да се чувствуваат самоуверено додека тоа го прават – изјави пејачката за „ВВД“.
За Вивијан, ова е уште еден голем чекор во нејзината брзорастечка кариера во манекенството. Таа се појави и на насловната страница на „Тин Вог“ минатата година, а кратко потоа го направи своето професионално деби за брендот „Вајлдфенг“, додека истата година позираше и за брендот за долна облека „Томбојикс“.
Вивијан дополнително ја зацврсти својата кариера минатиот септември на Неделата на модата во Њујорк, каде што прошета на ревијата „Крисабана“ за пролет 2026 година.

