Најтопло денеска беше во Гевгелија со измерени 18 степени, додека најниската максимална температура од 4 степени е регистрирана на Попова Шапка. Според податоците, 17 степени се измерени во Струмица, 15 во Демир Капија, 14 во Скопје-Петровец и Кавадарци, 13 во Виница и Штип, 12 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Тетово, 11 во Битола и Берово, 10 во Крива Паланка и Охрид, 9 во Прилеп и Претор, 8 во Пожаране, 7 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови, 5 во Лазарополе и Крушево.
Во изминатите девет часа до 16 часот најмногу врнежи се измерени во Крушево и на Попова Шапка – по 6 литри на квадратен метар. По 5 литри се регистрирани во Тетово, Пожаране и Маврови Анови, 3 во Битола, Охрид и Прилеп, 2 во Лазарополе и Скопје-Зајчев Рид и 1 литар во Претор. Снежна покривка од 55 сантиметри во 16 часот има на Попова Шапка.
Претпладне времето беше променливо облачно со слаб локален дожд, а во текот на денот преовладуваше умерено облачно време со слаб до умерен северозападен ветер.
До крајот на денот ќе се задржи променливо облачно време. Кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Утре времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, поинтензивни во југоисточните делови, каде се очекуваат над 15 литри на квадратен метар, а на планините ќе врне снег. Поради продор на постуден воздух, врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои повисоки места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи од 0 до 6 степени, а максималната од 5 до 11 степени. Во Скопје ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, со минимална температура до 3 и максимална до 8 степени.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег. Во следната седмица се очекува заладување со нови врнежи, дожд во пониските и снег на планините и во дел од повисоките места. Од утре се очекува и појава на магла по одделни котлини, а ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

