Жена од Флорида е уапсена и обвинета за обид за убиство откако во неделата пукала кон куќата на пејачката Ријана на Беверли Хилс, соопшти полицијата во Лос Анџелес, пренесе „Дејли мејл“.
Осомничената е идентификувана како 35-годишната Ивана Ортиз, на која ѝ е одредена кауција од 10,2 милиони долари. Во моментот на нападот Ријана била во куќата што ја дели со партнерот, раперот АСАП Роки.
Од полицијата соопштиле дека осомничената од својот автомобил испукала повеќе куршуми кон куќата на Ријана. Според радио-дoјавата од полицијата, што ја пренесе „Лос Анџелес тајмс“, од бел автомобил „тесла“ биле испукани најмалку 10 куршуми пред напаѓачката да побегне. Во инцидентот нема повредени.
Полициски хеликоптер подоцна го забележал возилото на паркинг во населбата Шерман Оукс, каде што Ивана Ортиз била уапсена.
Извор близок до парот изјавил за Њујорк пост дека Ријана и АСАП Роки не знаат многу за позадината на нападот. Потврдено е и дека раперот не бил дома во моментот на пукањето.
Полицијата соопшти дека случајот го истражува одделот за грабежи и убиства, а мотивот за нападот засега е непознат.

