Во Данска деновиве се уште главната тема, кога репрезентацијата е во прашање, е повредата на Микел Дамсгард, фудбалерот на англиски Брентфорд. Во моментов можеби најдобриот репрезентативец на Данска вчера пристигна во кампот на репрезентацијата, но селекторото Брајан Ример пред данските новинари не можеше да потврди дали тој е „фит“ за настап со Македонија во четврток.
Дамсгард беше целосно надвор од составот на Брентфорд за време на викендот.
„Најважно е што имаме некои играчи кои се 100 проценти подготвени, па затоа ќе ги поминеме следните три дена гледајќи како тој се чувствува. Морам да размислам дали сакам да го внесам на првиот натпревар или ќе биде за вториот. Мора да најдеме одговор на тоа“, изјавил Ример.
Пред една недела, Микел Дамсгард поради повреда на коленото на натпреварот против Вулверхемптон мораше да паузира неколку дена. Сепак, тој беше избран за националниот тим.


