Close Menu
Press OnlinePress Online
  • Насловна
  • Македонија
  • Регион
  • Свет
НАЈНОВО

Петер Маѓар со порака до Никола Груевски

17 април 2026

ВЛЕН на 9 мај на конгрес ќе ја официјализира трансформацијата во политичка партија – вели Меџити

17 април 2026

Белата куќа ги демантира вестите за барање за прекин на огнот со Иран: Пакистан останува единствен медијатор

17 април 2026

Трамп објави слика со Исус додека конфликтот со папата Лео продолжува да ескалира

17 април 2026

Претепан и тешко повреден газда на хотел во Скопје

17 април 2026
Facebook X (Twitter) Instagram
Press OnlinePress Online
петок, април 17
  • Насловна
  • Македонија
  • Регион
  • Свет
ИМПРЕСУМ АЛБАНСКИ ЈАЗИК
Press OnlinePress Online

Секнува унгарското масло за македонските пропагандисти

Press OnlineBy Press Online17 април 2026 Македонија
Share
Facebook Twitter LinkedIn Pinterest Email

Пишува: Кристина КОСТОВА

Секнува унгарското масло за македонските пропагандисти.

И тоа е најважната вест за Македонија која произлезе од крахот на шеснаесетгодишниот суров, путинистички, антихуманистички режим на Орбан.

Впрочем, тоа е и мотивот зад френетичните објаснувања и цинични забелешки на главните „маслени“ пропагандисти дека „џабе се радуваат опозиционерите.“ Истите тие пропагандисти се со години „подмачкани“ за да ја извртуваат реалноста, додека поттикнуваат нетрпеливост и директно придонесуваат за реализација на агендата на кочничарите на македонскиот напредок. Тие најдобро знаат дека кога тој маслен извор ќе пресуши, неизбежно ќе се случат промени на македонскиот медиумски пејзаж.

Се разбира, не може да се очекуваат чуда, имајќи ги предвид докажаната креативност за медиумска корупција на ДПМНЕ, како и автоголот од 2024 година со повторното воведување државно рекламирање во приватните медиуми, што значеше враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото. Но, дури и во таква поставеност, промени неизбежно ќе се случат, затоа што пропагандата е лакома машина која троши значителна количина ресурси.

Можеби е наивно да се очекува од унгарската промена да предизвика значителни потреси во политичката слика на земјава. Да, новиот унгарски мандатар го ослови како криминалец и го посочи македонскиот диктатор и бегалец од правдата Никола Груевски како непожелен гостин во пост-орбанова Унгарија. Но, каква и да е разврската во Унгарија, не можеме да очекуваме драстични влијанија кај нас. Кога новиот јавен обвинител меша прсти во ингеренциите за процесите во кои се обвинети поранешни високи функционери на владејачката партија, кога се прават евтини финти за одолговлекување на судењата со цел застарување на делата, кога е сѐ уште на сила штетниот КЗ поради кој нема начин да се обноват постапки за веќе застарени дела итн., не останува многу надеж дека токму унгарската промена може да нѐ помести од оваа наша апатична стагнација. Освен споделени импресии за потенцијални внатрепартиски поделби на груевисти и мицковисти, лицитации за судски разврски и по некоја живчана министерска изјава, навистина не сме во позиција да очекуваме нешто повеќе од таблоидни доживувања во јавниот дискурс.

А, тоа е така затоа што ние како нација, како граѓани, самите себеси не сме се соочиле со сопствената одговорност за насоката во која (не) се движиме. Апатијата до тој степен го обземала мнозинството, што се чини дека единствени гласови кои се слушаат се на оние кои без срам релативизираат криминал, пресуди, цел еден морален кодекс, па за оној кој цел здраворазумен свет го препознава како криминалец, осуденик и бегалец од правдата градат наратив како за маченик. Таквиот морален општествен неуспех произлегува од гореспоменатата пропагандна машинерија, ама уште повеќе и од сериозното и повеќекратно потфрлање да се испорача ветеното. Кога таа тешко дадена доверба не беше во целост испочитувана, граѓаните, особено оние со чесни намери и очекувања за државата и општеството, кренаа раце, самите себеси се замолчаа и станаа уште поскржави со нивната доверба.

Е сѐ уште рано да се види како Маѓар ќе се однесува со довербата, која толку великодушно му ја дадоа дури две третини од Унгарците. Иако го напуштил и подоцна го поразил својот поранешен политички идол, Маѓар не е и идеолошки дезертер: голем дел од конзервативните политики и ставови ги задржува, со видни измени за само неколку клучни прашања. Но, во демонтирањето шеснаесетгодишен антиевропски режим, идеологијата нема толку голем удел, колку одлучноста, жестината и бескомпромисната определба.

Што и да се случува во Унгарија, што и да прави Маѓар, неколку лекции веќе се одржани после поразот на Орбан. Да, лекцијата е во поразот на диктаторот, а не толку во победата на новиот мандатар. Оти од поразот во недела можеме да научиме дека на народот газен од руска пропаганда му е преку глава од темните сили кои го вадат од европскиот пат. На народот му е преку глава од злоупотреби, од ширење евроскептицизам, од обидите за рушење на европскиот сон. И најважно од сѐ е дека од сето ова преку глава им е на младите, на оние на кои останува светот.

Другата, на краток рок уште поважна лекција, е дека брзо и пред очи ни се случува културолошка промена во која автократските идоли бледеат, нивната реторика на ширење омраза, нетолеранција и нетрпеливост не проаѓа, нивниот вулгарен, силеџиски, конфронтациски настап станува сѐ понеприфатлив. Иако се очекуваше тесна победа, двотретинско мнозинство на опозицијата се оствари после „бакнежот на смртта“ кој ЏејДи Венс му го даде на Орбан кога одржа говор на негов митинг, говор во кој телефонски се вклучи и самиот Трамп.

Поразот на Орбан е шлаканица за Путин и уште поголем удар за Трамп. Со гласање против одработувачот на мегаломанските, забегани силеџии, народот одбра основна пристојност, достоинственост и конвенционалност, наспроти забеган, налудничав настап, навреди кон и судири со медиумите и народот, неискреност и непредвидливост. Луѓето ја отфрлаат примената на законот на џунглата и водење од ниски страсти.

И токму тоа културолошко поместување во зародиш и тоа како заслужува прослава и радост.

Поврзани содржини

ВЛЕН на 9 мај на конгрес ќе ја официјализира трансформацијата во политичка партија – вели Меџити

17 април 2026

Претепан и тешко повреден газда на хотел во Скопје

17 април 2026

(ФОТО) Силни пораки од протестот на културните работници: Многу лоша улога Министре

17 април 2026
НАЈНОВО

Петер Маѓар со порака до Никола Груевски

17 април 2026

ВЛЕН на 9 мај на конгрес ќе ја официјализира трансформацијата во политичка партија – вели Меџити

17 април 2026

Белата куќа ги демантира вестите за барање за прекин на огнот со Иран: Пакистан останува единствен медијатор

17 април 2026

Трамп објави слика со Исус додека конфликтот со папата Лео продолжува да ескалира

17 април 2026

Претепан и тешко повреден газда на хотел во Скопје

17 април 2026
  • Насловна
  • Македонија
  • Регион
  • Свет
© 2018- 2026 PressOnline.mk | Сите права се задржани.

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.