
„Називот на фирмата беше истакнат на вратата, на бел лист. Си пишуваше ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани“. Вака обвинетиот полицаец Кире Богатинов, се брани пред судот, откако Обвинителството откри дека казните кои биле за дискотеката „Пулс“ тој и неговите колеги ги пишувале на неактивна фирма.
Тој посочи дека истата фирма била заведена и во Централниот регистар, па затоа ја навеле во службените документи. Обвинетите тврдат дека не знаеле дека станува збор за неактивна фирма сè до моментот кога против нив биле поднесени кривични пријави.
„За фирмата дека е неактивна дознав кога ми беше поднесена кривична пријава“, рече обвинетиот Александар Темелков, додавајќи дека, според негови сознанија, прекршочна постапка може да се води и за неактивна фирма, освен ако таа не е избришана од регистар.
Обвинетиот Горан Лазаров изјави дека ваквата пракса била вообичаена, односно полицијата при контроли се води според називот на фирмата истакнат во објектот. Тој сведочеше дека при контрола во дискотеката „Пулс“ биле затекнати малолетници, а сопственикот Дејан Јованов не сакал да се легитимира.
„Лицето за мене е познато. Кога го познаваме од градот со име и презиме, нема потреба дополнително да го идентификуваме“, рече Лазаров.
Тројцата полициски службеници се обвинети за злоупотреба на службената положба, бидејќи прекршочните пријави ги воделе на фирма која не била активна, со што, според обвинението, дискотеката „Пулс“ избегнала да ги плати казните за присуство на малолетници.

