
Семејствата на загинатите млади лица остро реагираа по денешното барање на адвокатката Ивана Коцевска за олеснување на мерките куќен притвор за првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, оценувајќи го како навреда за нивната болка и понижување на споменот на нивните деца.
Во јавната реакција, тие посочуваат дека додека семејствата секојдневно се соочуваат со загубата и празнината во домовите, наместо одговорност гледаат обиди за избегнување на последиците од трагедијата, објави 4news.mk
Особено загрижува, велат, фактот што кај дел од обвинетите веќе било одобрено олеснување на мерките, што создава чувство дека случајот се минимизира и дека човечките животи се ставаат во втор план.
„Додека ние стоиме над гробовите на нашите деца, некој бара полесни услови. Додека ние секој ден ја преживуваме истата ноќ, некој бара удобност“, се наведува во реакцијата.
Семејствата упатуваат низа прашања до обвинетиот, меѓу кои и дали размислувал за жртвите и повредените, како и за последиците што трагедијата ги оставила врз нивните најблиски. Тие потенцираат дека загубата ја доживуваат 63 семејства, додека повеќе од 200 лица и понатаму се соочуваат со последиците од настанот.
Во реакцијата се изразува и очекување дека институциите ќе постапат согласно закон и ќе донесат одлуки врз основа на докази, без да се доведе во прашање правдата.
„Не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница и ќе ја бараме сè додека не ја добиеме“, порачуваат семејствата на загинатите.

