
Министерот за здравство Азир Алиу, кадар на ВЛЕН, потврди дека во последниот период не разговара со својот колега, вицепремиерот за политики за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, поради тоа што „тој не е тука“ и „не доаѓа на седници на Владата“, но рече дека неговото отсуство не се должи на здравствени проблеми.
„360 степени“: Околу Арбен Фетаи – вие разговарате со него?
Азир Алиу: Па, во последен период не бидејќи не е тука.
„360 степени“: Тој не доаѓа на седници на Владата?
Азир Алиу: Не.
„360 степени“: Зошто?
Азир Алиу: Не знам, не сум информиран.
Во гостување на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Алиу рече дека постоеле несогласувања на Арбен Фетаи во однос на политиките на ВЛЕН и Владата, но оти тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат.
„360 степени“: Тоа значи дека треба да очекуваме дека Арбен Фетаи ќе биде заменет со нов кадар при идната реконструкција на Владата?
Азир Алиу: Во моментот, знаете, ние како ВЛЕН работиме на дефинирање на органограмот на ВЛЕН, сега веќе како политичка партија и сѐ уште не сме стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во Владата во целина за секоја политичка партија дел од ВЛЕН.
Инаку, Арбен Фетаи и Азир Алиу се одвоија од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари кога тој во мај 2025 г. реши да ја напушти власта. Фетаи остана вицепремиер, а Алиу го наследи Таравари на функцијата министер за здравство.

