Ексградоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, јавно реагираше за, како што вели, постоење на двојни стандарди во односот кон поранешни функционери, оценувајќи дека принципите за правична постапка не се применуваат еднакво за сите.

Во објава, Мерко посочува дека ги следел изјавите на ДУИ за политички притисок врз поранешни функционери како Блерим Беџети и Фатмир Дехари, но поставува прашање зошто истиот пристап не бил применет и во неговиот случај.
„Барањето за еднаква правда и немешање на политиката во институциите е исправно. Но прашањето е зошто тие принципи не важат за сите подеднакво“, наведува Мерко.
Тој тврди дека повеќе од две децении бил активен во политичкиот живот и имал значајна улога во изборните резултати, но кога се соочил со судски процеси, изостанала поддршката.
„Во моментот кога се соочив со постапки, наместо поддршка имаше дистанцирање, па дури и негирање на мојата поврзаност со структурите“, истакнува тој.
Според Мерко, постапките против него биле поврзани со административни одлуки и институционални прашања, а не со докажана корупција или финансиски криминал. Тој смета дека ваквите случаи биле третирани како проблематични, иако, како што вели, се дел од секојдневното институционално функционирање.
Во објавата, тој прави споредба со други случаи, наведувајќи дека кај одредени високи функционери реакциите биле „внимателни или заштитнички“, што, според него, го потврдува постоењето на селективен пристап.
„Ова не е прашање на поединци, туку на принципи. Не може да се бара правда само во одредени случаи, ниту поддршка само за некои“, нагласува Мерко.
На крајот, тој изразува поддршка за поранешни функционери кои, како што вели, се соочуваат со политички мотивирани процеси, потенцирајќи дека правдата „не смее да биде селективна, туку еднаква за сите“. објави Скопје1.мк

