
-Рочиштата на два кривични предмети за кои се известува во јавноста минатата недела беа одложени од истата причина – обвинетите ги менуваат своите адвокати. Овие два сигурно не се единствените во кои одбраната искористила ваква алатка, а постапката, барем за јавноста или оштетените, неразумно се одложила. Една од најголемите маки на македонското судство е токму бавната правда и судењата во неразумни рокови. Дали судовите се навистина немоќни да спречат адвокатската рокада стане стратегија за постпјано одложување на судењата или пак, е само пасивен?
Нов бранител – нова стратегија за одлагање?!
Новите адвокати на обвинетите, прво, бараат неколку недели или месеци пред сè за да се запознаат со случајот. Потоа користат нови стратегии судењето или да не почне, или да се одлага со најразлични причини – најново е повторно изведување на докази што веќе кривичниот совет ги извел или, пак, одново сослушување на истите сведоци под изговор дека од нив ќе се открие нешто ново. Долгото траење на постапката станува најчеста стратегија на адвокатите што се дел од одбраната.
Неприкосновено е правото на ефикасна одбрана на обвинетите. Пресумпцијата на невиност е уставно загарантирана и сè што законски стои на располагање на обвинетиот да се одбрани е легитимно, меѓу другото и да најде подобар адвокат во текот на постапката.
Судот најчесто ги дозволува овие одлагања под изговор дека фактичката состојба треба правилно да биде утврдена (за да се заштити себеси од жалби до Апелација токму под овој основ) и за фер судење. Но, кога употребата на правото станува злоупотреба, а довербата во судството е под два отсто во најголем дел поради апсурдни одложувања, можат ли кривичните судии да направат нешто или навистина им се „врзани рацете“ како што се однесуваат?
Кои се алатките на судот за да спречи одолговлекување?
Генерално, истите членови кои им даваат можност на бранителите да добијат време за подготовка на одбрана, или под превезот на ефикасна одбрана да бараат повторување на дел од доказите, или одново сослушување на сведоците, му даваат можност и на судот да го спречи долгото траење на постапките без да се ризикува застареност или бавна правда.
Впрочем, судот по службена должност треба да води грижа да нема злоупотреба на процесните права, но и да обезбеди заштита на ефикасноста на постапката. Законот за кривичната постапка (ЗКП) има механизми кои спречуваат „бескрајно“ судење само затоа што се менуваат адвокати.
Прво, принцип на економичност – член 385 став 1, кој се однесува на правилата на судот во процесот на изведување докази, вели: „Претседателот на советот ќе го контролира начинот и редостедот на испитување на сведоците и вештаците и изведувањето на доказите водејќи сметка за ефикасност, економичност на постапката и по потреба за утврдување на вистината“. Тоа значи дека ЗКП на прво место ги става принципите на ефикасност и економичност. Повторното повикување на сведоци кои веќе биле исцрпно испрашани води кон неразумно траење на процесот.
Второ, преклузивност на доказите – членот 394, кој се однесува токму на дополнение на доказна постапка, е најголема кочница што може да ја искористи судот. Во ставот 1 се вели: „По завршената доказна постапка странките и оштетениот може да стават предлози за дополнение на доказна постапка за нови околности што се јавиле во текот на главната расправа“. Значи, дополнение на доказната постапка е возможно при нови околности кои објективно настанале во текот на расправата (се дошло до нови сознанија за сведок, потоа за контекстот на некој веќе изведен доказ и слично). Нов бранител не е нова околност. Уште повеќе, одново изведување на истите докази или сослушување на истиот сведок без објективни околности е само нова интерпретација од новиот адвокат на веќе познати факти. Фактот што новиот бранител има поинаков стил на испитување од претходниот не претставува „нова околност“ во смисла на член 394.
Трето, континуитет на одбраната – новиот бранител стапува на местото на претходниот и ги презема сите дејствија во состојбата во која се наоѓаат. Сите процесни дејствија преземени од претходниот бранител се легални и легитимни. Ако му се дозволи на секој нов бранител да ги повторува дејствијата на претходниот, обвинетиот би можел со постојана промена на адвокати бесконечно да го одлага судењето и да ги малтретира сведоците со повеќекратни сослушувања. Тоа, пак, може да доведе до „присилна“ промена на искази, што секако не е вистина или правда.
Обвинителот може да се противи
Алатката која стои на располагање на обвинителот, кој би требало да е мотивиран да ја заврши постапката против обвинетите, е приговор на записник. Тоа ќе му помогне и на самиот судија да го „сопре“ одлагањето на рочиштата.
Ако судот сака да му попушти на новиот бранител (од страв да не го наруши правото на одбрана), треба да побара адвокатот веднаш и прецизно да ги наведе прашањата што сака да ги постави. Ако тие прашања се веќе одговорени, тогаш и обвинителот и судот можат да се повикаат на поефикасна одбрана. Досега, ретко на македонските рочишта се гледа ваква проактивна улога на судиите кривичари.

