Градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека постои можност лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да ѝ се приклучи на Владата и додаде дека комуникацијата за ова прашање се одвива на повеќе нивоа.

Во гостување во емисија на ТВ 24, Меџити рече дека вратата за Села е подотворена и дека се испитува можноста за негово евентуално вклучување во владиното мнозинство.
„Постои опција Зијадин Села да ѝ се приклучи на Владата. Вратата му е подотворена, комуницираме на различни нивоа“кажа тој.
Најави дека во рамки на претстојната реконструкција на Владата се очекуваат промени во ресорите, но и кадровски ротации.
Во однос на можните кадровски решенија, Меџити рече дека коалицијата ВЛЕН нема против заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи да остане дел од владините структури.
За министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, пак, беше повоздржан, иако претходно лидерот на Беса и иден копретседател на ВЛЕН, Билал Касами, најави дека Лимани нема да биде дел од ВЛЕН ниту, пак, ќе добие поддршка за да остане на министерска позиција.
Меџити посочи и дека во рамки на владината реконструкција ќе има и лица кои нема да бидат дел од новиот владин состав.
„Ќе има личности кои ќе бидат на ‘црна листа‘ за учество во Владата, но засега е рано да се изнесуваат детали бидејќи сè уште немаме разговарано со премиерот’,вели Меџити.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека кон крајот на мај или почетокот на јуни се очекува реконструкција на Владата.

