
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ги отфрли тврдењата дека изградбата на автопатот Охрид–Кичево ќе чини милијарда евра и дека нема да биде завршена, оценувајќи ги како „невистини, лаги и манипулации“.
„Самопрогласени ‘синдикални лидери’ шират невистини, лаги и манипулации за изградбата на автопатот Охрид–Кичево. Ќе чинел милијарда евра, никогаш немало да се заврши и слични небулози. Без ниеден факт! Нула!!!“, напиша Николоски.
Тој апелираше, како што вели, да не се „замајува народот“, нагласувајќи дека проектот ќе биде реализиран во предвидениот рок.
„За нивна жал, а за среќа на народот, автопатот ќе се заврши во предвидениот рок“, посочи министерот.
Во објавата, Николоски ја критикуваше претходната власт, наведувајќи дека во изминатите години не бил направен значаен напредок.
„Точно е дека Владата на СДСМ и ДУИ, по која очигледно жалат, камче не стави 7 години, ама точно е дека оваа Влада на Христијан Мицкоски работи деноноќно“, наведе тој.
Како аргумент за динамиката на активностите, Николоски посочи дека и во недела навечер се одржуваат состаноци поврзани со проектот.
„Потврда за тоа е што во моментов си заминувам од Министерството за транспорт, во недела во 21 часот. Последен состанок беше за автопатот Охрид–Кичево. Ќе го завршиме навреме и сите ќе му се радуваме“, додаде министерот.
Извор: skopje1.mk

