Амстердам стана првиот главен град во светот што го забрани јавното рекламирање на месо и производи од фосилни горива, како дел од мерките за намалување на емисиите и промена на навиките на потрошувачите
Амстердам стана првиот главен град во светот што го забрани јавното рекламирање на месо и производи од фосилни горива. Од 1 мај, рекламите за бургери, бензински автомобили и авиокомпании се отстранети од билбордите, трамвајските и метро станиците, објавува Би-би-си.
На една од најпрометните трамвајски станици, веднаш до кружен тек опкружен со жолти нарциси и лалиња, рекламниот простор сега го промовира Ријксмузејот и концерт за класична музика. До неодамна, рекламираше медалјони со пилешко, теренски возила и евтино патување.
Градот вели дека целта е да се усогласи јавниот простор со климатските цели. Амстердам сака да постигне климатска неутралност до 2050 година и да ја преполови потрошувачката на месо.
„Климатската криза е итна“, рече Анеке Винхоф од партијата ГроенЛинкс. „Ако сакате да водите климатски политики, а воедно да изнајмувате јавен простор за реклами што се спротивни на тоа, што правите?“
Анке Бакер од Партијата за животните, која ја покрена иницијативата, има сличен став. Таа ги отфрла критиките дека тоа е прекумерно мешање на државата. „Не им го одземаме изборот на луѓето, туку го ограничуваме влијанието на големите компании кои постојано ни кажуваат што да купиме и јадеме“, рече таа.
Иако рекламите за месо сочинуваат мал дел од рекламниот пазар, забраната има силна симболична порака бидејќи го става месото во ист контекст со авионите и автомобилите на фосилни горива.
Месната индустрија ја критикуваше одлуката, тврдејќи дека тоа е непожелно влијание врз однесувањето на потрошувачите, додека туристичкиот сектор предупредува на ограничување на слободата на пазарот.
Активистите веруваат дека целта е да се создаде промена во општествените норми, споредувајќи ја мерката со минатите забрани за рекламирање тутун.
Амстердам не е првиот – градот Харлем воведе слична забрана во 2024 година, а други холандски градови го следат примерот. Слични мерки за фосилни горива веќе постојат во неколку европски градови.
Сепак, експертите предупредуваат дека нема јасни докази дека забраните за рекламирање директно ги менуваат навиките во исхраната, иако можат да влијаат врз општествените норми.

