
Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост остро реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека семејното насилство, поради кое негов телохранител е во 8-дневен притвор, претставува „мал престап“. Тие го потсетуваат премиерот, дека повеќе од 20 години, актите на семејно насилство се третираат како кривични дела.
Само од јануари годинава, како последица на овој „мал престап“, животот го загубија четири жени и едно девојче. Според официјалната статистика на МВР, во 2025 година е забележан највисок број на пријавени случаи до сега, во просек биле регистрирани по 19 пријави секој ден. Ова е резултат на години минимизирање поради кое жртвите не пријавуваа, а институциите не постапуваа навремено и соодветно.
Според овие граѓански организации дури по трагедијата кога насилството заврши со скок од зграда на жена со нејзиното малолетно дете, почна сериозно да се отвора прашањето дали и како системот функционира. Тогаш и самиот Премиер ги повика жртвите да пријавуваат и да не ги повлекуваат пријавите, за денес истиот тој Премиер да го сведе овој контекст на „мал престап“, со што го поништува сопствениот повик и сериозноста на проблемот што конечно почна да се препознава.
Ваквите изјави не се без последици. Тие директно влијаат врз тоа како насилството се перцепира во јавноста и оставаат простор да се релативизира, со што се охрабруваат сторителите, а жртвите повторно се изложуваат на осуда, сомнеж и притисок. Во таков контекст, сведувањето на семејното насилство на „помал престап“ не е само погрешно, туку и опасно, затоа што ја брише неговата тежина и ја занемарува штетата што ја остава врз животот и безбедноста на жените.
Од овие организации бараат од премиерот сериозно, гласно и недвосмислено да го осуди секој чин на родово засновано насилство и во индина да внимава при секоја своја изјава во јавноста, и без разлика дали свесно или несвесно, да не го сведува на мал престап тоа што жртвите го преживуваат.

