
Основниот кривичен суд Скопје објасни дека казната од 12 години затвор за Стојанче Јовановски е донесена согласно правилата за одмерување казна кога постои стек на повеќе кривични дела.
Од Судот посочуваат дека за делата кои му се ставаат на товар на обвинетиот биле изречени максимални казни за секое поединечно дело – пет години затвор за телесни повреди во семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и уште пет години за наведување и помагање во самоубиство.
Според член 44 од Кривичниот законик, кога едно лице е осудено за повеќе кривични дела во ист процес, судот определува единствена казна која мора да биде повисока од секоја поединечна казна, но не смее да го достигне вкупниот збир на сите изречени казни.
„Во конкретниот случај вкупниот збир на казните за сите три дела е 13 години, а како единствената мора да биде поголема од секоја одделна казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни, утврдена му е единствена казна затвор во траење од 12 години“, наведуваат од Кривичниот суд.
Претходно, Судот ја објави пресудата за Стојанче Јовановски, обвинет за три кривични дела поврзани со трагедијата од 2 март годинава, кога животот ги загубија неговата сопруга Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја.
Во текот на судењето беа презентирани аудио и видео материјали кои, според обвинителството, документирале физичко и психичко насилство.
Обвинителството побара Јовановски да остане во притвор до правосилноста на пресудата.
Извор: skopje1.mk

