Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на платформата Икс во однос на договорот со Италија за имигранти, категорично наведувајќи дека ќе продолжи „сè додека соседната земја го сака тоа“.
Реакцијата на Рама доаѓа како одговор на медиумските извештаи и толкувањето на изјавата на министерот за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, која премиерот ја опишува како искривена.
Рама појасни дека официјалниот став на Албанија останува непроменет и дека договорот со Италија ќе продолжи да биде во сила и не е предмет на дискусија за еднострано раскинување.
„До сите новинари од Италија и пошироко, кои нè контактираат во врска со неточен цитат објавен од медиум по интервјуто со министерот за надворешни работи на Албанија. Дозволете ми јасно да повторам, и дефинитивно се надевам, дека нашиот протокол со Италија ќе продолжи да биде на сила, сè додека Италија го сака тоа“, напиша Рама, нагласувајќи дека соработката меѓу двете земји продолжува нормално и во согласност со потпишаниот договор.
Како што објавија медиумите министерот Хоџа за странски медиум изјави дека „Албанија можно е да не го продолжи договорот бидејќи по 2030 година ќе бидеме во ЕУ.
„Прво, договорот е за пет години и не сум сигурен дали ќе има продолжување. Второ, нема да има продолжување бидејќи ќе бидеме членка на Европската Унија, изјави Хоџа, објавија албанските медиуми.
Петгодишниот договор премиерите Рама и Џорџа Мелони го потпишаа на крајот на 2023 година а беше ратификуван на почетокот на 2024 година и беше оптоварен со политички контроверзии и правни проблеми.
За да продолжи по 2029 година, ќе биде потребно продолжување само неколку месеци пред очекуваниот рок на Албанија за пристапување во Европската Унија.

