Бугарската министерка за надворешни работи, Весислава Петрова-Чамова, уште неседната во министерското столче, изјави дека Македонија треба да се придржува до договореното со Европската унија во 2022 година и да ги преземе неопходните политички чекори доколку сака продолжување на евроинтегративниот процес.

Говорејќи во Брисел, каде учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, Петрова-Чамова кажа дека бугарската позиција веќе не е билатерално прашање, туку дел од односите меѓу Европската унија и земјата кандидат.
„Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година веќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската унија и држава кандидат“, изјави таа.
Петрова-Чамова посочи дека прозорецот за проширување на ЕУ може да биде отворен во наредните години, но дека Македонија ризикува да ја пропушти шансата ако не ги исполни преземените обврски.
„Да се придржуваат до постигнатиот договор од 2022 година и да ги направат неопходните политички чекори. Да го отворат сопствениот европски пат“, рече бугарската министерка.
Таа додаде дека Софија очекува конкретни активности од македонска страна кои ќе покажат политичка подготвеност за напредок кон Европската унија.
Во изјавата, Петрова-Чамова ги нарече македонските претставници „северномакедонски партнери“, термин кој претходно предизвика реакција и од министерот Тимчо Муцунски.
Муцунски до бугарската министерка: Македонците се Македонци, „северномакедонски“ е несоодветен термин
Во меѓувреме, Муцунски порача дека е потребно „да се оттурнеме од билатерализацијата на критериумите за пристапување“.
Бугарската агенција БГНЕС потсетува дека во јуни 2022 година Македонија го прифати таканаречениот „француски предлог“, според кој за продолжување на преговорите со ЕУ, Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата на македонскиот Устав.
Во рамки на истиот договор, Македонија се обврза и на почитување на Договорот за добрососедство од 2017 година, како и на протоколите што произлегуваат од него, кои опфаќаат прашања поврзани со говорот на омраза, архивите на југословенските служби и историските прашања.

