Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека внесувањето на малцинствата во Уставот не претставува закана, туку потврда и зајакнување на посебноста на македонскиот народ. На денешната прес-конференција, Филипче истакна дека уставните измени се услов на Европската Унија, а не на Бугарија, и оцени дека токму со внесувањето на бугарското малцинство во Уставот се прави јасна разлика меѓу македонскиот народ и бугарското малцинство.

„Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија, повторувам, на Европската Унија, не на Бугарија, како што ВМРО сака да го прикаже – не е предавство. Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската Унија”, рече Филипче.
Тој додаде дека тезата на Бугарија дека Македонците и Бугарите се ист народ, со уставните измени целосно се поништува.
„Внесувањето на малцинствата, конкретно бугарското, никако не е ризик за нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно. Бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави, со ова паѓа во вода. Од тој момент, кога Бугарите ќе бидат внесени како малцинство во Уставот, се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Се руши целата пропаганда дека нема посебен македонски народ”, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека уставните измени го зајакнуваат македонскиот идентитет и претставуваат дипломатски успех.
„И со тоа, со уставните измени, го зајакнуваме, не го слабееме, ниту го ризикуваме нашиот национален идентитет. И тоа е успех на нашата дипломатија, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со поддршка на Европа”, рече Филипче.
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=OGwz_1GBz34

