
– Американскиот државен секретар Марко Рубио по повод Денот на независност на Куба, преку видеопорака им се обрати на Кубанците, нудејќи има 100 милиони долари помош, а при тоа ја обвини кубанската власт за недостигот на електрична енергија, храна и вода.
– САД ви нуди помош не само за ублажување на моменталната криза, туку и за изградба на подобра иднина. Вистинската причина зошто немата струја, гориво и храна е затоа што оние што ја контролираат вашата земја украле милијарди долари, од кои ништо не им дале на народот, наведе Рубио во пораката на шпански јазик.
Тој наведе дека САД ќе им дадат на Кубанците храна и лекови во вредност од 100 милиони долари, но под услов дистрибуцијата да се врши преку Католичката црква или други сигурни хуманитарни групи.
Американскиот претседател Доналд Трамп инсистира на смена на комунистичкиот режим на Куба.
– Претседателот Трамп предлага нов пат помеѓу САД и нова Куба … каде што навистина имате можност да изберете кој ја води вашата земја и да гласате за негово менување ако не ја врши добро својата работа, посочи Рубио, чии родители се Кубанци.
Амбасадата на Куба во САД соопшти дека Рубио лаже и ги обвини САД за суров третман.
– Причината зошто американскиот државен секретар постојано бескрупулозно лаже за Куба и се обидува да ја оправда агресијата на која го подложува кубанскиот народ не е незнаење или некомпетентност. Тој многу добро знае дека нема оправдување за таква сурова и немилосрдна агресија, објави Амбасадата на Куба на Икс.
САД де факто воведоа блокада на Куба, заканувајќи се со санкции за земјите што ја снабдуваат со гориво, поради што земјата се соочува со чести прекини на електричната енергија што предизвикуваат хаос во веќе кревката економија.

