
Полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција денеска во тетовско сопреле автобус „мерцедес“ сопственост на туристичка агенција, кој сообраќал на релација Германија-Македонија.
Според информациите од МВР, автобусот бил управуван од 37-годишниот Р.Ф. од тетовското село Доброште.
При прегледот на автобусот, во приколката биле пронајдени повеќе канти за кои, како што соопшти полицијата, не постоела соодветна документација и дозволи за транспорт.
Дополнително, при контрола кај еден од патниците – 20-годишниот Ф.И. од Теарце – биле пронајдени пет пликоа со различни апоени во вкупна вредност од 34.965 евра.
Од МВР велат дека парите биле внесени преку Граничниот премин Табановце без да бидат пријавени, а патникот не поседувал документација за сопственост и потекло на средствата.
Возачот и патникот се лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“ по член 278 од Кривичниот законик, како и прекршување на Законот за девизно работење.
По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави, информира МВР.

