
Премиерот Христијан Мицкоски денеска искажа став за протестите на студентите кои бараат да полагаат правосуден испит на албански јазик и нагласи дека, колку и да има политика и интереси во наметнувањето на темата со употреба на јазиците при полагање на правосудниот испит, тој е подготвен за разговор, но само ако се постават низ правилната призма.
„Заинтересиран сум и подготвен сум да помогнам во секој процес кој ќе значи подобро и посилно образование. Немам никаква задршка да се разговара на темите кои денеска се актуелни и секоја заедница да го има правото да напредува и да го употребува својот јазик, сè додека тоа е во рамките на Уставот, законите и сè додека се почитува нашиот идентитетски белег, македонскиот јазик. Затоа многу брзо ќе дојдеме до решение кое треба сите да го поддржиме и кое ќе отскокнува над поединечните партиски и политички интереси и тенденции да заглавиме во уште една националистичка замка“, рече Мицкоски.

