Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во Елисејската палата се сретна со претставници на дистрибутерите, снабдувачите со електрична енергија и индустриските компании за да го забрза процесот на електрификација на Франција.
Според весникот „Фигаро“, целта на состанокот била поттикнување на домаќинствата и компаниите повеќе да користат електрична енергија, а помалку нафта и гас.
Француските власти тргнуваат од проценката според која земјата премногу зависи од увоз на фосилни горива, додека во исто време располага со домашна електрична енергија која е стабилна и достапна во големи количини, со ниски емисии на јаглерод.
Состанокот доаѓа неколку дена пред инвестицискиот самит „Избери ја Франција“, кој ќе се одржи на 1 јуни во Версај, а на кој се очекуваат нови најави за вложувања.
Минатогодишниот самит во Париз донесе инвестициски планови вредни околу 37 милијарди евра, вклучувајќи 20 милијарди евра за целосно нови проекти и дополнителни 17 милијарди евра за претходно потврдени инвестиции.
Засега не се објавени комплетните списоци на учесници за овогодишниот самит, но се очекува доаѓање на претставници на големи меѓународни компании од секторот за вештачка интелигенција, енергетика, индустрија, дигитална инфраструктура и дата-центри, како и на водечки инвестициски фондови и технолошки групи.
Франција веќе седум години е најатрактивната европска дестинација за странски инвестиции, покажува истражувањето на компанијата ЕY (поранешен Ерист и Јанг). Во текот на изминатата година, Франција привлече 852 инвестициски проекти, што е повеќе од Велика Британија и Германија, пренесе „Монд“.

