
Жителите на населбите Расадник и Радишани во Општина Бутел денеска излегоа на протест поради, како што велат, долгогодишниот проблем со небезбедниот сообраќај на улицата Бутелска, откако неодамна било прегазено дете.
Граѓаните порачаа дека на оваа сообраќајница секојдневно се вози со голема брзина и без почитување на сообраќајните правила, со што сериозно се загрозува безбедноста на пешаците, особено на децата.
Тие побараа од надлежните институции итно да преземат мерки за зголемување на безбедноста, меѓу кои поставување лежечки полицајци и поголемо присуство на полициски службеници на терен.
Протестантите истакнаа дека со години укажуваат на опасностите на улицата Бутелска, но досега немало соодветна реакција.
„Бараме основни услови за безбедност на пешаците и на совесните возачи“, порачаа дел од присутните.
Жителите најавија дека протестите ќе продолжат секој ден сè додека не бидат слушнати нивните барања и додека надлежните институции не преземат конкретни чекори за подобрување на безбедноста на оваа фреквентна сообраќајница.

