Петмина азербејџански државјани загинаа, а тројца се повредени во напад врз два товарни брода во Азовското Море, соопшти Министерството за надворешни работи на Азербејџан.
Одговарајќи на прашање за пловните објекти погодени во Таганрошкиот Залив, Министерството наведе дека екипажите биле составени од вкупно 25 азербејџански државјани, но дека бродовите не биле во сопственост на Азербејџан.
Претходно денеска Украина соопшти дека нејзини беспилотни летала погодиле пет бродови во пристаништата Мариупол и Бердјанск на Азовското Море, како и во крајбрежните води на украинските територии кои се под руска контрола.
Командантот на украинските сили за беспилотни системи, Роберт Бровди, изјави дека украински дронови погодиле товарни бродови и еден танкер кои, според него, биле вклучени во „кражба“ на украинско жито и во транспорт на воена опрема и на гориво.
Тој додаде дека имињата на пловните објекти биле прикриени, а нивните радари исклучени.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, ја обвини Украина за нападите врз товарните бродови и изрази сочувство до семејствата на загинатите азербејџански морнари.
– Многу добро знаеме која држава користи дронови – и воздушни и поморски – за напади врз цивилни бродови во Црното Море и во Средоземното Море. Тоа е, така да се каже, добро позната држава – изјави Галузин.
Засега нема независна потврда за околностите под кои биле погодени бродовите.

