
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска ќе биде домаќин на меѓународна конференција на која ќе биде промовирана „Скопската иницијатива“, заедничка активност за поврзување на прогресивните и социјалдемократските партии од регионот и Европа.
Како што информираат од СДСМ, иницијативата ја покренал претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел заедничко дејствување на прогресивните сили во борбата против авторитарните трендови, корупцијата и за забрзување на европската интеграција на регионот, а целта на конференцијата е зајакнување на соработката меѓу социјалдемократските партии и креирање заеднички одговор на предизвиците со кои се соочува Западен Балкан.
Настанот се надоврзува на регионалните и европските напори за мобилизација на прогресивните сили, како и на пораките од Самитот за глобална прогресивна мобилизација во Барселона, а се одржува и во година кога Корчуланската школа одбележува 15 години постоење.
Конференцијата е во организација на СДСМ и Корчуланската висока школа, во партнерство со Интернационалниот центар „Олоф Палме“ и Центарот за нови иницијативи.
На настанот е најавено присуство на претставници на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), Групата на социјалисти и демократи (С&Д), Социјалистичката интернационала, Фондацијата за европски прогресивни студии, како и на претставници од социјалдемократски партии, фондации и регионални иницијативи.

