
Министерството за внатрешни работи (МВР) доби 30 алатки за проверка на документи, два детектори за срцебиење, за откривање лица во скриени простори, седум возила од кои четири теренски и три комбиња, како и пет видеокамери, а кои се наменети за Граничната полиција и Националната единица за борба против шверцување мигранти и трговија со луѓе.
Возилата и опремата се обезбедни во рамките на регионалниот ИПА-проект „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан (EU4FAST)“.
„Донираните возила и специјализираната опрема веднаш ќе бидат ставени во функција, со што значително ќе се зголемат мобилноста, ефикасноста и оперативните капацитети на полициските единици во справувањето со шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе“,
истакна Тошковски на примопредавањето на опремата.
Министерот Тошковски вели дека опремата претставува конкретен придонес во јакнењето на капацитетите на македонската полиција.
„Живееме во комплексно геополитичко време, кое бара максимална будност и кохезија на безбедносните структури. Нашите граници се рамноправен дел од безбедносната архитектура на европскиот континент, а нашите институции се на првата линија на одбрана на заедничките европски вредности. Затоа секоја инвестиција во модернизацијата на нашите служби е истовремено инвестиција во мирот и стабилноста на целиот европски простор“,
рече Тошковски.
Министерот посочи дека криминалните мрежи дејствуваат транснационално и постојано ги адаптираат своите методи поради што е неопходен координиран и навремен одговор заснован на силна меѓународна соработка.
Според него, проектот EU4FAST претставува успешен пример за заедничко дејствување на институциите од регионот и европските партнери преку обуки, размена на информации и координирани активности на терен.
Тој нагласи дека овие форми на организиран криминал имаат директни последици врз човечките судбини поради што Министерството за внатрешни работи продолжува да применува мултидисциплинарен пристап со силна хумана компонента во секоја оперативна активност.
Проектот EU4FAST ги поддржува партнерските институции во регионот во зајакнување на превенцијата, истрагата, гонењето на сторителите, како и заштитата на жртвите, преку комбиниран пристап, кој опфаќа обуки, техничка помош, набавка на опрема и унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Проектот е кофинансиран од Европската Унија, Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ), Министерството за внатрешни работи на Италија и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Имплементацијата ја спроведува конзорциум предводен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), заедно со европски партнери од областа на внатрешните работи и правдата.

