Повеќе од 100 лица починаа од ебола во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК) од прогласувањето на епидемијата на 15 мај, објавија денеска тамошните власти, пренесуваат американските медиуми.
Според најновиот извештај, потврдени се 550 случаи на болеста, од кои 101 лице починало, а 19 се излекувале.
Епидемијата најмногу ја погодила покраината Итури, каде што се регистрирани повеќе од 90 проценти од случаите, но се проширила и во Северен Киву, Јужен Киву, како и преку границата во Уганда.
Станува збор за ретка форма на вирусот Бундибугио, за кој не постои одобрена вакцина или третман, за разлика од вообичаениот заирски сој на ебола.
Експертите предупредуваат дека вистинскиот број на заразени лица е веројатно поголем бидејќи епидемијата е откриена доцна, а одговорот на неа е отежнат. Незадоволните локални жители постојано напаѓаат здравствени работници, додека вооружените судири со бунтовничките групи го спречуваат пристапот до некои области.
„Конфликтите го ограничуваат пристапот, го попречуваат надзорот и го зголемуваат ризикот од неоткриено ширење на болести“, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Здравствените работници на првата линија работат со ниски плати и без одмор, а нападите врз нив дополнително ја комплицираат борбата против епидемијата во регион кој со години е потресен од конфликти со бројни бунтовнички групи.

