Семејството на американскиот претседател Доналд Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од криптовалутни проекти што ги промовирало по изборите во 2024 година, додека повеќе од еден милион инвеститори забележале нето-загуби во приближно ист износ, покажува истражување на Ројтерс, пренесуваат западни медиуми.
Агенцијата анализирала блокчејн записи, корпоративни документи, интернет-објави и јавни изјави на семејството Трамп и на раководителите на проектите, а разговарала и со претставници на криптоиндустријата. Наодите биле разгледани од повеќе од десет експерти за сметководство и криптовалути, кои ги оценија проценките како разумни.
Во центарот на истрагата се четири проекти – „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial), мем-криптовалутата „$TRUMP“, „Американ биткоин“ (American Bitcoin) и компанијата „АИ фајненшл корп“ (AI Financial Corp), која до април се викала „АЛТ5 сигма“ (ALT5 Sigma).
Според Ројтерс, и покрај разликите меѓу проектите, во сите се повторувал истиот модел – семејството Трамп вложувало малку или воопшто не вложувало сопствени средства, ги промовирало проектите преку своето име и политичко влијание, а потоа остварувало профит додека малите инвеститори купувале средства чија вредност подоцна значително паѓала.
Белата куќа не ги коментираше директно наодите на Ројтерс. Портпаролката Ана Кели изјави дека „сите постапки на претседателот Трамп и неговата администрација се преземаат во најдобар интерес на американскиот народ“.
Ерик Трамп и Доналд Трамп Помладиот не одговорија на барањата за коментар.
Ројтерс го наведува примерот со 29-годишната Фатима Елргдави од Санта Барбара, која во јануари 2025 година вложила 2.000 долари во мем-криптовалутата „$TRUMP“, верувајќи дека станува збор за сигурна инвестиција поради нејзината поврзаност со Трамп.
До крајот на мај, вредноста на нејзината инвестиција паднала на помалку од 120 долари. Според Ројтерс, „$TRUMP“ изгубила 97 отсто од вредноста во однос на врвот достигнат во јануари 2025 година.
Ројтерс разговарал со 27 инвеститори, од кои повеќето изјавиле дека биле свесни за претходните деловни неуспеси на Трамп, но верувале дека неговото име, политичка позиција и деловна репутација ќе им донесат добивка.
Најголем профит, според истражувањето, донел проектот „Ворлд либерти фајненшл“, кој бил основан од семејството Трамп и нивни соработници. Компанијата почнала да продава токени во октомври 2024 година, а Ерик Трамп и Доналд Трамп Помладиот биле меѓу главните промотори.
Ројтерс наведува дека преку договор за лиценцирање на името на Трамп, повеќе од 1,6 милијарди долари биле пренасочени кон субјект поврзан со неговото семејство, додека загубите на инвеститорите се проценуваат на околу 674 милиони долари.
Мем-криптовалутата „$TRUMP“, која беше промовирана неколку дена пред инаугурацијата на Трамп во јануари 2025 година, на семејството Трамп му донела околу 616 милиони долари, додека инвеститорите изгубиле повеќе од 700 милиони долари, проценува Ројтерс.
Агенцијата наведува и дека инвеститорите во други компании поврзани со криптопроектите на семејството Трамп претрпеле загуби од стотици милиони долари поради остриот пад на цените на акциите.
Осум експерти за владина етика изјавија за Ројтерс дека збогатувањето на семејството Трамп во индустрија што е регулирана од администрацијата на претседателот, претставува конфликт на интереси без преседан во современата американска историја.
Од Белата куќа ги отфрлија таквите оценки, наведувајќи дека ниту претседателот ниту неговото семејство не се впуштиле, ниту пак ќе се впуштат во судир на интереси.
Поранешниот американски министер за трговија, Вилбур Рос, изјави дека семејството Трамп, како и другите политичари и нивните семејства, имаат право да заработуваат, додавајќи дека инвеститорите кои вложуваат во шпекулативни средства треба да бидат свесни за ризиците.

