До ова дошло во два наврати во петокот, над јужниот и северниот дел на Балтичкото Море, а шведскиот воздушен простор не бил повреден. Односите меѓу Шведска и Русија се на историски најниско ниво што во голема мера е обележано со влезот на Шведска во НАТО и брзото влошување на безбедноста во регионот на Балтичкото Море

Шведската војска денеска соопшти дека со свои борбени авиони пресретнала два руски борбени авиони над Балтичкото Море, во близина на шведскиот воздушен простор. До ова дошло во два наврати во петокот, над јужниот и северниот дел на Балтичкото Море, а шведскиот воздушен простор не бил повреден. Полетале и авиони на НАТО за да ја зачуваат безбедноста во заедничкиот воздушен простор.
„Постапувањето на Русија е сериозно и претставува модел на однесување што се повторува, загрозувајќи го и нашиот територијален интегритет и нашата безбедност“изјави вицеадмиралката Ева Ског Хаслум, началничка на Здружените операции на Вооружените сили на Шведска.
Односите меѓу Шведска и Русија се на историски најниско ниво што во голема мера е обележано со влезот на Шведска во НАТО и брзото влошување на безбедноста во регионот на Балтичкото Море. Шведското воено воздухопловство често користи борбени авиони за да пресретне руски борбени авиони што летаат блиску до шведскиот воздушен простор над Балтичкото Море.
Комитетот за одбрана на шведскиот Парламент и претходно предупредуваше дека Русија би можела да се обиде да изврши ограничен воен напад во релативно блиска иднина за да ја тестира кохезијата на НАТО и обврската за колективна одбрана од Членот 5.

