Властите во јужна Холандија издадоа тридневно предупредување до околу 200.000 жители на кои им е наложено да ја зовриваат водата откако бактеријата ешерихија коли е откриена во нивната вода за пиење, објавија денеска локалните медиуми.
Предупредување е издадено до жителите на Дордрехт, Цвајндрехт и Хендрик-Идо-Амбахт, што предизвика недостиг на флаширана вода во супермаркетите, објави денес „NL Times“.
Службениците изјавија дека целата вода од чешмите мора да врие три минути пред да се користи за пиење, готвење или миење заби.
Оваа мерка има за цел да ги елиминира сите бактерии што можеби влегле во водоводниот систем преку дистрибутивната мрежа.
Предупредувањето ќе остане на сила сè додека тестовите не потврдат дека водата од чешма е повторно целосно безбедна за консумирање без третман.
Ешерихија коли е бактерија која природно се јавува во цревата на луѓето и животните, но кога е присутна во контаминирана храна или вода, може да предизвика гастроинтестинални заболувања, вклучувајќи стомачни и цревни тегоби.
Здравствените власти предупредија дека луѓето со ослабен имунолошки систем можат сериозно да се разболат.
По објавувањето на предупредувањето, побарувачката за флаширана вода во супермаркетите во Дордрехт брзо се зголеми.
Некои жители се обидоа да купат залихи непосредно пред затворањето на продавниците, при што барем еден супермаркет ја распродаде целата флаширана вода во рок од 45 минути.
Други продавници, исто така, пријавија недостиг, бидејќи паничното купување вода се зголеми по предупредувањето, според NL Times.

