Властите на Конго пријавија едно од најголемите дневни зголемувања на бројот на заразени со ебола, еден месец откако оваа смртоносна болест почна да се шири во централноафриканската земја.
Вирусот се шири многу брзо во оддалечен регион каде што населението често се движи, што го отежнува откривањето на заразените.
Министерството за здравство вчера соопшти дека во последните 24 часа се откриени 72 нови случаи на заразени со ебола, со што вкупниот број на заболени се искачи на 782. Меѓу нив има 181 потврден смртен случај, како и 29 нови смртни случаи.
– Еден месец подоцна, темпото на ширење на еболата ги надминува напорите да се одговори на неа. Никој не ги знае вистинските размери, ниту пак каде сè се шири болеста во Конго – изјави денеска Кејт Вајт, медицинска координаторка за вонредни ситуации на „Лекари без граници“.
Организацијата соопшти дека медицинските центри во епицентарот на епидемијата се преполни и дека многу пациенти пристигнуваат во напредна фаза на болеста, а голем дел од нив претходно не биле идентификувани како лица со кои инфицираните имале контакт.
Се верува се дека бројот на заболени би можел да биде и поголем, а ова би можела да биде најголемата епидемија на ебола некогаш забележана.
Претходните епидемии беа предизвикани од варијантата на вирусот „Заир“, која е многу почеста од варијантата „Бундибуџо“ – предизвикувачот на сегашната епидемија во Конго, за која во првите денови немаше тестирања.
Повеќе од 90 отсто од случаите на заболени во сегашната епидемија се регистрирани во источната провинција Итури. Има случаи и во провинциите Северно и Јужно Киву, но и во соседна Уганда.

