Се подготвуваат законски измени за регулирање на користењето електрични тротинети со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Владата на презентацијата на националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“.

Тој информира дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата врз основа на препораките од експертите и стручните служби на Министерството.
– Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите – истакна Тошковски.
Министерот посочи дека анализите покажуваат оти најголем број сообраќајни несреќи со тротинети се случуваат кај младата популација, особено кај лица до 17-18 години.
– Нелегалното управување, возење по двајца или тројца, без кациги и без почитување на правила доведува до сериозни последици – нагласи Тошковски.
Тој додаде дека некои од измените ќе опфатат и зголемување на старосната граница за управување со електрични тротинети со цел да се заштитат најмладите и да се намалат ризиците во сообраќајот.
Во однос на проблемот со нелегалниот премин кај Бит-пазар, Тошковски посочи дека прашањето веќе е отворено на координациите меѓу Министерството за внатрешни работи и Град Скопје и најави конкретни активности во наредниот период.
– Постојат редовни координации и оваа тема е веќе разгледувана. Во иднина очекувајте конкретни дејства за подобрување на безбедноста – изјави министерот.
Тој нагласи дека, покрај институционалните мерки, клучна е и одговорноста на граѓаните во почитувањето на сообраќајните правила.

