Во Грција официјално е отворено првото големо натпреварување во лов на Лагоцефалус, во јавноста позната како „зајачка риба“, со цел да се намали популацијата на овој инвазивен и екстремно отровен вид кој предизвикува огромни штети врз локалниот екосистем и врз грчките рибари.
Поради алармантната ситуација во морето, надлежните власти и рибарските здруженија низ целата земја упатија јавен повик до сите професионални рибари и аматери да се приклучат на акцијата. За најуспешните учесници во овој масовен лов се обезбедени вредни парични и материјални награди.
Овој специфичен вид риба пристигнал од Црвеното Море преку Суецкиот канал и за кус период стана сериозен проблем во Егејското и Јонското Море. Локалните рибари се соочуваат со големи финансиски загуби бидејќи оваа риба, со помош на своите исклучително силни заби кои наликуваат на зајачки, со леснотија ги кине дури и најцврстите рибарски мрежи и најлонски конци за да дојде до пленот.
Освен материјалната штета за рибарите, Лагоцефалусот голта сè пред себе во морските длабочини, што придонесува за драстично намалување на популацијата на домашните риби и ракови.
Дополнителна и најголема опасност претставува фактот што оваа риба во своите органи содржи тетродотоксин — смртоносен отров кој може да биде фатален за луѓето доколку месото се консумира. Експертите предупредуваат дека овој токсин не се уништува дури ни при термичка обработка на рибата.
„Оваа риба буквално го проголтува нашиот екосистем и ја менува биолошката рамнотежа на морето. Ако не ја спречиме, последиците за грчкиот туризам и риболов ќе бидат катастрофални“, предупредуваат морските биолози.

