Обединетите нации изразија длабока загриженост поради бројот на лица кои починале во притвор под надлежност на американските имиграциски власти, кој според официјалните податоци изнесува 18 лица од почетокот на годинава, јави германската новинска агенција ДПА.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, упати апел за спроведување „итна, независна, непристрасна и ефикасна истрага за сите смртни случаи во притворите на ИЦЕ (Имиграциска и царинска служба)“.
– Лицата кои го прекршиле законот мора да сносат одговорност. Истовремено, мора да се почитуваат правата на семејствата на жртвите за вистината, правдата и обештетувањето, како и гаранциите дека ваквите дела нема да се повторат – порача Тирк.
Повикувајќи се на официјалните бројки на ИЦЕ, високиот комесар прецизираше дека во првите пет месеци од оваа година во притворските центри починале 18 лица. Минатата година оваа бројка изнесувала 33, додека во 2024 година животот го загубиле 11 лица.
Тирк упати сериозни критики и за недостигот на транспарентност во однос на околностите под кои се случиле смртните случаи. Тој нагласи дека овие инциденти се случуваат во контекст на масовното проширување на системот за имиграциски притвор во Соединетите Американски Држави.
Најновите официјални податоци покажуваат дека ИЦЕ во моментов задржува повеќе од 60.000 лица во притвор, што е значителен пораст во споредба со почетокот на 2025 година, кога таа бројка изнесувала околу 40.000 притвореници. Според Канцеларијата на ОН за човекови права (ОХЦХР), веќе постојат планови притворските капацитети дополнително да се зголемат до 90.000 места до крајот на 2026 година.
Високиот комесар изрази загриженост и поради извештаите за долготрајно изолирање на притворениците во самици, практика која може да претставува сурово, нехумано и понижувачко постапување. Сите овие фактори, според зборовите на Тирк, дополнително ја зголемуваат ранливоста и предизвикуваат сериозна загриженост.
Контроверзната американска агенција ИЦЕ се наоѓа во фокусот на јавноста уште од почетокот на вториот мандат на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој спроведува строга антиимиграциска политика. Агентите на ИЦЕ, од кои дел дејствуваат и маскирани, во изминатиот период спроведоа серија рации насочени против мигрантите, главно во градовите каде што на власт се претставници на Демократската партија.
