До вторник сè ќе се знае, тогаш ќе го имаме конечниот епилог. Многу идеи и опции се на маса, изјави денеска претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски во врска со најавената владина реконструкција. Тој оцени дека ЗНАМ, иако е нов политички субјект, дава значаен придонес во работата на Владата преку двата ресора со кои раководи, како и преку своите претставници во пониските ешалони на власта.
Одговорајќи на новинарско прашање какви понуди добило ЗНАМ и дали можеби би се согласило на замена на кадрите во министерствата со кои раководи, Димитриевски рече дека има многу предлози и размислувања, индивидуални и партиски.
Според него, кога се разговара во политиката, сите опции се на маса. Димитриевски повтори и дека треба да се почека да се случи конечниот договор.
-Ние како владини партнери, а слушам и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта, сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри – истакна Димитриевски.
На прашањето, дали е прифатлива размената на ресорите земјоделство со правда, Димитриевски одговори дека сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира.
-ЗНАМ како нов политички субјект, којшто активно партиципира во оваа власт и ја има усогласено владината програма на којашто работи во рамките и на двете министерства, но и во пониските ешалони на власта, дава сериозен придонес оваа Влада да работи квалитетно и просперитетно и перспективно. Факт е дека оваа Влада, работите првенствено ги враќа на позитивна нула, а потоа ги придвижува напред. Затекнавме многу лоша состојба во државата од сите аспекти и факт е дека мора да санираме, а потоа и да продолжиме – нагласи Димитриевски.
Притоа додаде дека резултатите во двете ресорни министерства каде што работат кадрите на ЗНАМ, се, видливи.
– Тоа впрочем го потврди и господинот Кошта како висок претставник на Европската Унија, којшто на неговиот брифинг токму со вас укажа дека и тоа како се забележливи резултатите на нашите министри. Но, како и да е, сепак политиката е компромис, разговори, договарање. Ние сме соочени со реконструкција на Владата и првенствено, сите активности во тој дел се менаџирани од страна на премиерот и мандатарот, којшто има апсолутно свое право да посочи, укаже, да направи одредени комбинаторики во делот на распределбата на власта помеѓу владините партнери, а наше е дали ќе се согласиме со тоа или не – нагласи Димитриевски.
ЗНАМ е секогаш подготвен, во интерес на поголем просперитет на државата и подобра благосостојба на граѓаните, да дава поддршка на Владата и владината програма, не водејќи се притоа од клиентелистички пристап да инсталира свои кадри во власта.
– Но, од друга страна, секогаш е потребно да преземете дел и од одговорноста во власта. И едно можам со сигурност да потврдам – дека по оваа владина реконструкција, ЗНАМ ќе биде посилен и кадровски и со потенцијал и во дел на располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта. Ги отфрлам сите шпекулации што доаѓаат првенствено од портали што се директно брифирани и за жал, некои од нив служат како апологети на опозицијата, којашто нè донесе во една тешка ваква социо-економска состојба во државата, а исто така и граѓаните. И велам – ајде да почекаме и да го видиме конечниот епилог – порача тој.

