Граѓаните што претрпеле материјални штети од вчерашното невреме, веднаш да поднесат барања до матичните општинските комисии за процена на штети, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Овие комисии, додаваат оттаму, во најбрз рок ќе излезат на терен за да извршат увид и официјална проценка на настанатите оштетувања врз имотот.
Од ЦУК денеска излегоа со податоци од пријавите што биле поднесени по силното невреме и обилните врнежи од дожд што вчера го зафатија Скопје и околината. Преку Единствениот број за итни повици 112 и надлежните институции се регистрирани голем број пријави за поплави и оштетување на инфраструктурата.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека во Скопје се регистрирани последици на повеќе критични точки, при што како најпогодени подрачја се издвојуваат општините Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром.
Според податоците од извештајот, во Скопје биле поплавени два подвозници, три кружни текови и повеќе од осум сообраќајни улици, што предизвикало отежнато движење и сообраќаен колапс на повеќе од 10 локации низ градот.
Како најкритични точки во патниот сообраќај се посочуваат подвозникот пред кружниот тек во Бутел, подвозникот на булеварот „Србија“ во Кисела Вода, како и улицата „Јордан Мијалков“ зад трговскиот центар „Дајмонд мол“. Поплавени биле и кружните текови кај трговскиот центар „Ист гејт“, „Мото центар“, „Цементара“ и „Железара“, како и паркинзите и внатрешните сообраќајници во населбите Расадник и Аеродром.
Освен патната мрежа, невремето предизвикало штети во пет големи скопски населби – Кисела Вода, Автокоманда, Чаир, Аеродром и Горно Лисиче, од каде што пристигнале голем број пријави за поплавени станбени објекти, куќи, подруми и гаражи. Водата навлегла и во два поголеми деловни магацини лоцирани во Чаир и Кисела Вода. Поплавен бил и објектот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде водата влегла во подрумот, гаражите, главниот хол и амфитеатарот.
Од ЦУК како критични точки во водната инфраструктура ги посочуваат Усјанскиот Канал, каде имало зголемено ниво со ризик од прелевање, и реката Серава во Бутел каде, поради покачено ниво имало ризик од излевање.
На терен веќе се ангажирани и координирано дејствуваат Територијалните противпожарни единици (ТППЕ), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), јавните комунални претпријатија, општинските екипи и службите на „Македонија пат“. Од Ценатрот за управување со кризи велат дека сите расположливи тимови интервенираат на терен според степенот на приоритет и ризик, со цел побрзо расчистување на погодените подрачја и нормализирање на состојбата.

