Генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза денеска пристигна во Охрид од каде ја започна официјалната посета на земјава, а на аеродромот „Св. Апостол Павле“ беше пречекан од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, каде двајцата одржаа и билатерална средба, соопшти МВР.
На средбата се разговарало за активности насочени кон јакнење на оперативната соработка, размената на информации и унапредување на заедничките механизми за справување со современите безбедносни предизвици, како и за продлабочувањето на партнерството со Интерпол и за унапредувањето на меѓународната полициска соработка, како еден од клучните предуслови за ефикасна борба против прекуграничниот и организираниот криминал и за поголема безбедност на граѓаните.
Во рамки на официјалната посета на Охрид, генералниот секретар на Интерпол придружуван од директорот на Бирото за јавна безбедност посетил дел од најзначајните културно-историски знаменитости на градот. За време на посетата бил запознаен со богатото културно наследство и историските вредности на Охрид, кој како природно и културно богатство е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
-Посетата на знаменитостите претставуваше можност високиот гостин одблиску да се запознае со традицијата, културата и историското значење на Охрид, еден од најстарите и најпознати градови во регионот – се вели во соопштението.
Генералниот секретар на Интерпол Уркиза, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Јанев ги посетиле и мешаните македонско-српски полициски патроли, кои се ангажирани во Охрид во текот на летната туристичка сезона. При посетата, генералниот секретар бил запознаен со начинот на функционирање на мешаните патроли и нивната улога во обезбедувањето поголема сигурност за граѓаните и туристите.
Било истакнато дека ваквиот модел на меѓународна полициска соработка придонесува за унапредување на довербата меѓу полициските служби, поефикасна комуникација со странските посетители и повисоко ниво на безбедност во туристичките центри.
Охрид, како дел од светското културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО, се вели во соопштението, беше симболичен почеток на оваа посета – затоа што безбедноста не значи само справување со заканите, туку и грижа за заштитата на вредностите, наследството и богатството што ги носиме низ генерациите.
Посетата на Генералниот секретар на Интерпол продолжува утре во Скопје, со официјалниот дел од програмата, во рамки на кој се предвидени активности во Министерството за внатрешни работи, посета на Полициската академија, средби со највисокото државно раководство и разговори за натамошно унапредување на меѓународната полициска соработка, додаде МВР.

