Линиите Центар-Ѓорче Петров и Центар-Илинден се следниот чекор во развојот на скопскиот Градски воз, најави министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски. Тој вели дека по пуштање на линијата Зелениково-Центар на 1 септември, од втората половина од годинава треба да почнат тендерските постапки за двете линии.
Според министерот, железницата е еден од главните инфраструктурни приоритети на Владата. Покрај новите линии во Скопје, паралелно се работи на нови пруги, брза железница и модернизација на железничкиот сообраќај.
– Во Скопје воведуваме Градски воз, Скопје да заличи на метропола како што имаат сите големи метрополи. Од 1 септември ќе стартува првата линија Зелениково-Драчево-Лисиче-Аеродром-Центар, а веќе во втората половина на оваа година ќе одиме со тендерирање и на другите 2 линии, а тоа е Центар до Ѓорче Петров и Центар до Илинден – истакна Николоски во поткастот „Радар“.
Тој посочи дека веќе е завршена железничката обиколница Драчево-Илинден, со која товарните возови нема да минуваат низ Скопје.
Николоски потсети и дека во јануари 2025 година во употреба беше пуштена пругата Куманово-Бељаковце, долга 31 километар. Во тек е изградбата на делницата Бељаковце-Крива Паланка, долга 34 километри, а следна е пругата до границата со Бугарија.
Како резултат на овие политики, според него, се бележи зголемување на карго транспорот за 18 проценти. Дополнително, се забрзува трaнспортот на Коридор 10 на граничните точки преку олеснување на процедурите.
– Се воведе “one-stop shop”, односно едно застанување на границата помеѓу Македонија и Грција за карго сообраќај, а во моментов работиме – градиме – заеднички железнички граничен премин со Србија, така што и таму ќе има едно застанување, што значи дека композициите на возовите многу побрзо ќе можат да се движат, што е многу важно за бизнисот – вели Николоски.
Паралелно се подготвува и проектот за брза пруга. Според најавите, првите активности на терен би можеле да почнат уште оваа есен.
Од Министерството за транспорт информираат дека е обезбедена набавка на најмалку 5 нови електрични локомотиви, а во соработка со Светска банка се работи и на набавка на нови патнички возови.

