Општина Карпош ги известува своите жители, дека сѐ уште можат да го одлагаат кабастиот отпад од своите домаќинства во пунктот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, кој се наоѓа во населбата Карпош 3 на бул. „Илинден“ (зад бензинската станица „Макпетрол“, во непосредна близина на СЦ „Борис Трајковски“).
– Во таа насока, ги информираме граѓаните дека можат самите да го одложат кабастиот отпад (од 07 до 19 часот, секој ден во неделата), во којшто спаѓаат стариот мебел, душеци, кревети и слична покуќнина, електронски и електрични апарати, санитарија, дрвенарија, (прозорци, врати и сл.), без да платат паричен надоместок – потсетуваат од општината.
Доколку не се во можност да го сторат тоа, карпошани можат да закажат услуга до ЈП „Комунална хигиена“, која со специјални комунални возила ќе го преземе и транспортира кабастиот отпад од нивните домови. Оваа услуга се наплаќа, а термините за закажување се од понеделник до петок, во период од 07 до 15 часот на следните телефонски броеви: 0800 222 33 и 3216 644.
Притоа потсетуваме дека кабастиот отпад е крупен отпад од домаќинствата, кој поради својата димензија, тежина и волумен не треба да се фрла (одложува) во стандардните контејнери за комунален отпад. Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје предупредуваат дека секое одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини претставува прекршување на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции, а ваквото несовесно однесување може да резултира со исклучително штетни последици за животната околина и јавното здравје.
Затоа да бидеме одговорни и совесни, како би можеле заедно да придонесеме во одржување на здравата околина во која живееме – порачуваат од таму.
За два месеца изречени 30 казни за граѓани што оставале кабаст отпад по Карпош

