Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана американски државјани да се враќаат во САД со цивилни летови од Демократска Република Конго поради ширењето на еболата во земјата, соопшти претставник на Белата куќа.
Според наредбата, американските државјани кои се наоѓаат во ДР Конго како и оние кои неодамна престојувале таму, нема да можат да се качат на летови за САД, освен доколку претходно не поминале најмалку 21 ден во трета земја.
Од почетокот на епидемијата, во ДР Конго се потврдени 1.926 случаи на ебола, од кои 702 лица починале, покажуваат официјалните податоци објавени во неделата.
Дваесеттина американски државјани требало денеска да отпатуваат од ДР Конго за САД. Стејт департментот најави дека ќе им обезбеди поддршка во периодот додека истече тринеделниот карантински рок.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести во петокот соопшти дека американски државјанин кој работи за хуманитарна организација во ДР Конго бил позитивен на тестот за вирусот ебола.
Во понеделникот друг американски државјанин заразен во ДР Конго бил примен во универзитетската болница во германскиот град Франкфурт. Во мај, таму бил хоспитализиран и трет американски државјанин.

