Шеесет и пет годишен маж со нож го убил докторот Ацо Трповски пред две години во март, а во тоа му помогнала неговата 59-годишна сопруга, соопштија денеска во Јавното обвинителство. Осомничените сопружници се веќе во притвор.
Како што информираат во Обвинителството, врз основа на повеќе наредби издадени од јавен обвинител и дополнителни сознанија на Основното јавно обвинителство Скопје во изминатиот период Министерството за внатрешни работи презеде дејствија со кои се обезбедија докази што даваат основано сомневање дека едно лице извршило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, а неговата сопруга е осомничена за помагање при извршување на кривичното дело.
„На 21 март 2024 година, на паркинг простор во населбата Автокоманда, осомничениот 65-годишник со умисла го лишил од живот сега покојниот Ацо Трповски. Притоа, му помогнала 59-годишната осомничена, прикривајќи ги средствата и трагите од извршеното кривично дело. Осомничената се договорила со жртвата да се најдат на наведеното место. Кратко време откако влегла во неговиот автомобил, пристигнал осомничениот. Тој ја отворил вратата од возилото и го извлекол оштетениот, со кого започнале вербално да се расправаат. Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото од кои оштетениот починат. Сопружниците заедно го ставиле телото на предното седиште од автомобилот. Осомничениот го одвезол до паркингот на Поликлиниката Железара, каде го префрлил починатиот на возачкото седиште. Осомничената со средство ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата заминале“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
На 21 март 2024, МВР информираше дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника „Железара“, со убодни рани по телото бил пронајден А. Т. (67) од Скопје.
„Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, сооошти тогаш МВР.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, а истовремено се огласи и МВР.
„Полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.В. (65) и неговата сопруга С.В. (59), двајцата од Скопје, поради основи на сомнение дека на 21.03.2024 на паркинг во скопската населба Автокоманда, М.В. го убил А.Т., а С.В. му помогнала прикривајќи ги трагите. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници, а врз основа на повеќе наредби издадени од јавен обвинител, обезбедени се докази и поднесена е кривична пријава против М.В. за кривично дело ‘убиство’ по член 123 став 1 од Кривичниот законик, а против С.В. за кривично дело помагање при извршување на кривичното дело.
Осомничената С.В. се договорила со А.Т. да се најдат на паркингот во Автокоманда и влегла во неговиот автомобил, а кратко време потоа пристигнал и М.В., кој го извлекол А.Т. од автомобилот и со нож му нанел девет убодни рани, од кои А.Т. починал. Сопружниците заедно го ставиле телото на починатиот во автомобилот, по што М.В. го одвезол автомобилот до паркингот на Поликлиниката Железара, каде го префрлил починатиот на возачкото седиште. Осомничената со средство ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата заминале од местото на настанот“, гласи полициската верзија.

