Долг пред 2013 година предизвика вработените во комуналното претпријатие во Гостивар да не можат да го користат платеното здравствено осигурување. Иако по 2013 година, 109 вработени редовно имале уплати за здравствено и пензиско осигурување, не можеле да го користат поради долгот. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека следната недела ќе биде решен проблемот и овие вработени ќе можат да го користат здравственото осигурување. И за него ова е парадокс, бидејќи здравственото осигурување се плаќа редовно, а поради долг тие не можат го користат.
„Комуналното претпријатие има долг пред 2013 година, долг кој постоел пред 2009 година, и тој долг останал нерешен, па 109 вработени во ова претпријатие се без здравствено осигурување. Осигурувањето се плаќа, тоа е еден од парадоксите, бидејќи од 2013 година редовно се плаќа околу 40 милиони денари; јавното претпријатие платило здравствено осигурување, а сепак немаат осигурување, бидејќи никој не се ангажирал да ги реши сите овие административни и бирократски процедури и лавиринти“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
„Од гледна точка на вработените, дефинитивно е направена неправда, бидејќи тие работат, се платени и немаат здравствено осигурување. Од административен и институционален аспект, фондот не може да направи ништо, бидејќи постојат долгови и здравствениот пакет за вработените не може да се активира, бидејќи законот вели така и не може да се заобиколи законот. Идејата е дека требало порано да се седне со здравствените институции, со институциите во Гостивар и да се реши овој проблем“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерот Алиу и директорот Клековски беа прашани и дали ќе се реши проблемот со вработените во комуналното претпријатие во Тетово, кои околу 28 месеци се без здравствено осигурување. Алиу и Клековски рекоа дека не се запознаени со овој проблем, но ветиле дека ќе се заинтересираат и ќе се обидат да го решат проблемот.

