
Сојузот на синдикатите на Македонија упати порака дека работничката класа претставува основа на секое општество, истакнувајќи дека токму таа ги создава вредностите, го движи производството и ја одржува економијата.
Во објавата се наведува дека без трудот на работниците во фабриките, рудниците, на полињата, во канцелариите и во услужните дејности, не може да има напредок, развој ниту иднина.
Сепак, се посочува дека и покрај својата клучна улога, работниците често се соочуваат со ниски плати, несигурни работни места, недоволна заштита и непочитување на нивните права.
Од ССМ нагласуваат дека борбата за достоинствен труд, фер услови и социјална правда претставува обврска, а не само потреба, при што солидарноста ја оценија како најсилно оружје на работниците.
Во пораката се потсетува и дека историските придобивки како пократкото работно време и платениот одмор се резултат на заедничката борба на работниците и синдикалното организирање.
„Работничката класа не бара привилегии, туку правда, не бара милост, туку почит“, стои во објавата, во која се додава дека борбата е насочена кон поправедно општество за сите.
По повод 1 Мај, од ССМ испратија порака: „За плата се бориме, не се молиме“.
Извор: skopje1.mk

