На конференцијата посветена на еден од најзначајните стратегиски проекти за нашата земја, министерот Љутков, во присуство на евроамбасадорот, градоначалници и делегации од градовите партнери, претставници на меѓународни институции, академската заедница, како и многубројни домашни и странски гости, нагласи дека Скопје има историска шанса да се афирмира како современ европски културен центар.
Љутков потенцираше дека проектот ја има целосната и недвосмислена поддршка од Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која обезбедува институционална, финансиска и политичка стабилност за неговата реализација.
„Поддршката е силна и јасна — таа значи континуитет, координација и сигурност дека оваа визија ќе се реализира“, истакна тој.
Говорејќи за значењето на титулата Европска престолнина на културата 2028, министерот посочи:
„Не зборуваме само за титула. Зборуваме за процес што го менува градот — за нова енергија, за нови културни простори и за можност Скопје да стане вистинска точка на поврзување во Европа.“
Тој додаде дека оваа иницијатива не е насочена само кон 2028 година, туку кон долгорочна трансформација:
„Ова што го градиме денес ќе се чувствува и по 2028 година — како нов културен импулс, како нов начин на живеење на градот.“
Во таа смисла, беа истакнати и конкретни проекти за унапредување на културната инфраструктура, меѓу кои ревитализацијата на Скопското кале, заштитата на Скопскиот аквадукт, обновата на Универзална сала, оживувањето на локалитетот Скупи, како и создавање нови културни простори, што ќе им припаѓаат на граѓаните.
„Европа не е само политика — Европа е култура, идентитет и заедничко чувство на припадност. Скопје 2028 е нашата можност тоа јасно да го покажеме“, порача министерот Љутков.
Конференцијата продолжува со панел-дискусии посветени на културата, урбаните политики и развојот на одржливи европски градови, со фокус на зајакнување на соработката и размена на идеи.

