
Вистинска драма се одвивала вчера попладне во скопската општина Чаир, каде тројца полициски службеници биле спречени да приведат осомничено лице, по што биле принудени да испукаат предупредувачки куршуми во воздух.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 23 април околу 18:45 часот, кога полицајците преземале службени дејствија за приведување на лице барано поради сомнение за сторено кривично дело.
Во тој момент, како што наведуваат од МВР, група од десетина лица се вмешала и активно ги спречувала полициските службеници во извршување на задачата.
„Бидејќи лицата се оглушувале на наредбите, од страна на полициските службеници во воздух се испукани предупредувачки куршуми“, информираат од полицијата.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности, објави Скопје1.мк

