Нов „бокс меч“ се отвори утрово меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, овој пат околу работата на Заедничката историска комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, откако опозициската СДСМ обвини за нетранспарентност и скриени договори, додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и возврати со вообичаената остра, но неаргументирана реторика, објави ЦИВИЛ Медиа.
Од СДСМ реагираа по изјава на заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски дека Комисијата редовно одржува средби. Според партијата, јавноста не била информирана за овие активности.
„Како е можно Комисијата да се состанува две години, а тоа да се крие од граѓаните?“, прашуваат од СДСМ, сугерирајќи дека зад овие средби може да стојат подготовки за уставни измени, односно внесување на Бугарите во Уставот.
Опозицијата го доведува во прашање и кредибилитетот на премиерот Христијан Мицкоски, потсетувајќи на неговите претходни изјави дека нема да има отстапки по ова прашање. Сега, велат од СДСМ, најавите дека „ќе се решат реформските прашања“ се индикатор за спротивно сценарио.
„Ако Мицкоски тврди дека во јуни ќе ги реши клучните прашања, тоа значи дека се подготвува да го направи токму она што го негираше“, наведуваат од партијата.
СДСМ потенцира дека нивниот став останува непроменет: внесување на малцинствата во Уставот како услов за продолжување на евроинтегративниот процес. Притоа се повикуваат и на пораките од Европската Унија, кои, според нив, јасно укажуваат дека без овие измени нема напредок.
ВМРО-ДПМНЕ возврати со жестока реторика, но без одговор на прашањата од опозицијата. Тие – без да обелоденат информации за активностите за кои говори опозицијата – се ограничија на етикетирањето дека СДСМ и лидерот Венко Филипче се „без концепт и стратегија“.
Извор: ЦИВИЛ Медиа

