Министерството за внатрешни работи ќе постапи во рамките на своите надлежности доколку се преземат потребните процесни чекори во врска со информациите од ФБИ дека двајца македонски државјани се бараат во САД за измама и кражба на идентитет, а во моментов се наоѓаат во земјава. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „А1 Македонија“, Методија Мирчев, Тошковски посочи дека во моментов не може да открие дополнителни детали за случајот со двајцата македонски државјани.
Во овој момент не можам да споделам повеќе детали од она што излезе во рамките на медиумите. Во секој случај ние ќе постапиме во согласност со нашата надлежност доколку се преземат потребните процесни чекори што треба да се преземат од страна на државата што ја напоменавте и од страна на сите други органи. Така што во делот на МВР, она што е наша надлежност, секако дека ќе постапиме онака како што треба да постапиме – рече Тошковски

